Cüneyt Karadağ
28 Март 2020•Ажурирај: 29 Март 2020
БЕРЛИН (АА) – Мајка во Германија моли за помош и живее во надеж дека нејзината ќерка, киднапирана од терористичката организација ПКК во Германија, еден ден ќе се врати, јавува Агенција Анадолија (АА).
Маиде Т., мајката на Нилуфер, од својот профил на социјалните мрежи сподели видеопорака со апел нејзината ќерка да се врати.
„Моето име е Маиде. Јас сум мајка на Нилуфер, која беше киднапирана од страна на луѓе што работат за терористичката организација ПКК и одведена во планина“, вели мајката во видеопораката, нагласувајќи дека го одложува својот протест планиран за пред Владата на Германија поради коронавирусот.
Маиде Т. истакна дека нејзината ќерка минатата година на 12 ноември излегла од дома за да оди на училиште и дека оттогаш нема информации за тоа каде се наоѓа.
Посочувајќи дека нејзината 20-годишна ќерка е измамена од лицата што работат за сепаратистичката терористичка организација ПКК, Маиде Т. вели дека киднапирањето на младите деца не е во склад со никакви човечки вредности, ниту со совеста.
Таа рече дека живее со надежта дека нејзината ќерка еден ден ќе се врати, и дека киднапирањето на младите уште повеќе ја зголемува омразата кон ПКК.
Загрижената мајка ги замоли германската канцеларка, Ангела Меркел, и министерот за внатрешни работи, Хорст Зихофер, да помогнат да се најде нејзината ќерка киднапирана од терористичката организација.