Alma Dekovic
04 Април 2022•Ажурирај: 07 Април 2022
МАРИУПОЛ (АА) - Додека украинската Војска продолжува да пружа отпор кон руските сили во опколениот град Мариупол, стотици цивили успеаја да се евакуираат во неделата во безбедна зона, додека илјадници сè уште чекаат спас, јавува Агенција Анадолија (АА).
Иако Русите изјавија дека го контролираат центарот на градот, во администрацијата на Киев велат дека продолжуваат да го бранат стратешкиот град.
Хуманитарните групи не можат да стигнат до Мариупол откако руските сили започнаа да го бомбардираат градот, што им го отежнува животот на граѓаните кои останаа во градот, живеејќи во нехумани услови.

Фотографиите на фоторепортерот на Агенција Анадолија (АА) ги покажуваат степенот на уништувањето на стратешкиот град и човековите страдања и последиците на руските напади.
Вицепремиерката Ирина Верешчук во неделата објави дека 2.694 Украинци се евакуирани во безбедни области.
Верешчук изјави дека во последните 24 часа околу 460 цивили со свои возила ги напуштиле Мариупол и Бердјанск упатувајќи се кон Запорожје, додека 350 цивили се евакуирани во колони.
Во безбедна зона се евакуирани и жителите на градовите Лисичанск, Северодонецк, Рубижне и Кремина во регионот Луганск.

Верешчук изјави дека во градот Манхуш пристигнале уште седум автобуси придружувани од делегацијата на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, додека продолжуваат преговорите тие автобуси да одат во Мариупол поради евакуација на цивилите.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека еден од неговите тимови во неделата се обидел да стигне до опколениот украински град Мариупол, каде што десетици илјади лица се заробени и соочени со секојдневните руски бомбардирања.
Црвениот крст проценува дека до 100.000 цивили би можеле да се обидат да се евакуираат, иако нема точни бројки.

Војната помеѓу Русија и Украина, што започна со рускиот напад на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и поттикна истапување на глобалните фирми од Русија.
Најмалку 1.417 цивили се убиени во Украина, 2.038 се ранети, според проценките на Обединетите нации, кои наведуваат дека вистинската бројка е веројатно многу поголема.
Според податоците на Агенцијата на ОН за бегалци, повеќе од 4,2 милиони Украинци избегале во неколку европски земји, а милиони се раселени во внатрешноста на земјата.