İdris Sülün
20 Декември 2021•Ажурирај: 22 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Војската на Мјанмар во јули наводно убила најмалку 40 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во истражувачкиот извештај на „Би-би-си“ (ББС), споредени се изјавите и видеата на 11 очевидци со слики кои ги собрала британската невладина организација „Мјанмар витнес“ која го истражува кршењето на човековите права во Мјанмар.
Според вестите, оние кои успеале да избегаат од убиствата на војската на Мјанмар, изјавиле дека војниците на Мјанмар ги убиле мажите кои ги разделиле откако ги собрале селаните.
Сликите до кои стигна „Би-би-си“ открија дека многумина од убиените најпрво се мачени, а потоа закопани во гробниците.
Најмалку 40 луѓе се убиени во четири одделни инциденти во јули во градот Кани во централниот мјанмарски регион Сагаин.
Се тврди дека 14 мажи во селото Јин се убиени со мачење или со тепање, а потоа се фрлени во јама во шумското подрачје.
Сведоците, чии имиња остануваат анонимни, рекоа дека 14 мажи во селото Јин биле врзани со јажиња и биле претепани пред да бидат убиени.
Жената, чиј брат, внука и зет се убиени, рече: „Не можевме да гледаме што се случи, ги наведнавме главите и плачевме“.
Еден човек кој успеал да избега од убиствата рече дека војниците со часови ги мачеле мажите пред да ги убијат.
Во масовната гробница во селото Зи Бин Двин, во близина на селото Јин, во јули пронајдени се 12 тела, меѓу кои и на дете и на лице со посебни потреби.
Убиствата се сметаат за колективна казна за цивилите во регионот поради нивните напади на војската.
Војската на Мјанмар на 1 февруари оваа година изведе пуч и ја презеде власта во државата. Војската прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси челниците на Владата, меѓу кои и мјанмарската лидерка Аунг Сан Су Ќи.
Масовните протести против воениот удар почнаа на 6 февруари. Во текот на репресивните воени интервенции животот го загубија најмалку 883 лица. Воената хунта им изрече смртни казни на вкупно 41 демонстрант.
Обединетите Нации (ОН), Европска Унија (ЕУ) и бројни земји, како Турција, Соединетите Американски Држави (САД), Канада и Велика Британија, најостро ги осудија воениот удар во Мјанмар.