Darren Christopher Lyn
18 Ноември 2022•Ажурирај: 19 Ноември 2022
ХЈУСТОН (АА) - Стотици вработени во „Твитер“ поднесоа откази вчера, пред крајниот рок на Елон Маск, 17:00 часот по источно време, во кој новиот извршен директор на компанијата за социјални медиуми побара екстремно ресетирање со повеќе работа и подолги работни часови, јавува Агенција Анадолија (АА).
„И едноставно така, по 12 години го напуштив „Твитер““, напиша во твит Сатанџив Банерџи.
Маск го расчисти персоналот од вкупно 7.500 вработени во „Твитер“ за речиси половина пред две недели, откако ја презеде компанијата за 44 милијарди долари, а многу вработени дадоа отказ набргу потоа.
„Твитер“ имаше околу 2.900 вработени пред Маск вчера да испрати и-мејл во кој бара темелна промена на работната етика за оние кои сакаат да останат во платформата, слично на очекувањата на милијардерот и во другите негови компании како „Тесла“ и „Спејс икс“.
„Одиме напред за да изградиме епохален Твитер 2.0 и да успееме во сè поконкурентниот свет ќе треба да бидеме исклучително посветени“, напиша Маск. „Ова ќе значи работа долги часови со висок интензитет. Само исклучителните перформанси ќе имаат преодна оценка.“
По истекот на рокот, започна она што еден вработен го нарече „масовен егзодус“, при што стотици работници објавуваа проштални пораки и емотикони за поздрав на платформата за инстант пораки „Слек“, објавувајќи дека кажале „не“ на ултиматумот на Маск.
„Не го притискам копчето“, објави еден вработен во заминување, пренесе веб-страницата за технолошки вести „Верџ“ (The Verge). „Мојата смена завршува со Твитер 1.0. Не сакам да бидам дел од Твитер 2.0.“
„Се чини дека сите луѓе кои го направија ова место неверојатно, си заминуваат“, порача друг вработен во „Твитер“. „Ќе биде исклучително тешко за „Твитер“ да закрепне, без разлика колку посветени ќе бидат луѓето што остануваат.“
На вработените кои ќе одлучат да го напуштат „Твитер“ им било кажано дека ќе добијат отпремнина за најмалку три месеци.
Вработените кои ќе одлучат да останат не знаат како Маск планира да ги компензира со опциите за акции сега кога „Твитер“ е приватна компанија. Сепак, Маск истакна дека оние со „исклучителни“ резултати ќе добијат акции како што добиваат во „Спејс икс“, која е, исто така, приватна компанија.
„Њујорк тајмс“ објави дека Маск и неговиот тим се сретнале со одредени вработени на „Твитер“ кои не кажале „да“ за неговите нови очекувања пред крајниот рок вчера (четврток), обидувајќи се да ги спречат „клучните“ вработени од заминување.
Маск потоа го повлече своето барање сите вработени да работат од канцеларија најмалку 40 часа неделно, но се чини дека тоа не поколеба многумина да останат.
„Работев овде во „Твитер“ повеќе од 11 години“, напиша еден вработен на „Слек“. „Во јули бев 27-ми најстар вработен во компанијата. Сега сум 15-ти.“
„Твитер“ веќе започна да регрутира инженери однадвор за да види дали сакаат да се приклучат на „Твитер 2.0 - компанијата на Елон“, јави „Верџ“.