Can Erözden
02 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
КАРАКАС (АА) - Претседателот на Врховниот суд на Венецуела, Мајкел Морено, денес од Парламентот на оваа земја побара укинување на парламентарниот имунитет на опозицискиот лидер Хуан Гваидо, јавува Anadolu Agency (AA).
Морено наведе дека судскиот процес за Гваидо е неизбежен и дека Судот му наложи парична казна.
Хуан Гваидо, лидерот на опозицијата на Венецуела, кој на 23 јануари самиот се прогласи за претседател, обвинет е за прекршување на забраната за патување наменета на него, со посетата на Колумбија во февруари.
Венецуелската Влада во четвртокот соопшти дека му поставува забрана на Гваидо да одржува јавна функција 15 години.
„Владата го товари Гваидо дека трошел значително повеќе од неговата заработка“, се наведува во соопштението на државниот контролор Елвис Аморосо.
Аморосо вели дека сите пратеници се обврзани да го откријат својот финансиски статус и да трошат во согласност со венецуелските закони.
Во соопштението се наведува дека Гваидо во изминатите три години имал 91 странска посета, кои не биле официјално одобрени од Парламентот, а на кои потрошил 30 милиони долари за кои не ги наведе изворите.
- Поддржувачите на Мадуро ќе одржат масовни собири -
Поддржувачите на венецуелскиот претседател Николас Мадуро ќе излезат на улиците на 6 април.
Заменик-шефот на владејачката Обединета социјалистичка партија на Венецуела (PSUV), Диосдадо Кабело, на прес-конференцијата во Каракас изјави дека тоа ќе биде собир против империјализмот.
Претходно и самопрогласениот претседател Гваидо ги повика своите поддржувачи да излезат на улиците истиот ден за, како што рече, „Операција на слободата“.
Венецуела е зафатена со протести од 10 јануари, кога претседателот Николас Мадуро ја положи заклетвата за втор мандат, по изборите кои беа бојкотирани од страна на опозицијата.
Тензиите дополнително се зголемија откако опозицискиот лидер и претседател на Парламентот на Венецуела, Хуан Гваидо, на 23 јануари се самопрогласи за вршител на должноста претседател на државата, што беше поддржано од страна на САД и голем број европски и латиноамерикански држави.
Русија, Кина, Турција, Боливија, Мексико и Иран го поддржуваат Мадуро.