Fatma Esma Arslan
12 Август 2021•Ажурирај: 13 Август 2021
ДАКАР
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, остро ги осуди нападите врз четири села во северниот дел на Мали, кои беа извршени во исто време, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмената изјава од ОН се наведува дека генералниот секретар на ОН, Гутереш, остро ги осуди нападите врз четири села во регионот Гао на 8 август, во кои загинаа најмалку 50 цивили.
Во соопштението се истакнува дека Повеќедимензионалната мисија за интегрирана стабилизација на Обединетите нации во Мали (MINUSMA) во регионот испрати мировници за да се заштитат цивилите.
Исто така, се нагласува дека Мисијата на ОН во Мали со координација на Министерството за одбрана на Мали ги зголемила своите патроли деноноќно, со цел да се спречат понатамошни напади во регионот.
Се додава дека овие напади, кои намерно се насочени кон цивили, сериозно ги кршат меѓународните човекови права и меѓународните хуманитарни права.
Генералниот секретар на ОН, Гутереш, во изјавата исто така го пренесе своето сочувство до ужалените семејства.
МИНУСМА, како што се нагласува во изјавата, е подготвена да соработува со властите во Мали за сторителите на нападот да ги изведе пред лицето на правдата.
- Прогласена е тридневна национална жалост
Четири села во регионот Ансонго во северниот дел на Мали беа цел на вооружени терористички групи на 8 август.
Во нападот животот го загубија најмалку 50 луѓе во четири села, а по инцидентот беше прогласена тридневна национална жалост.
Буркина Фасо, Мали и Нигер, во регионот Сахел, во последниве години изложени се на напади на ДЕАШ и групи поврзани со терористичката организација Ал Каеда.
И покрај странските воени мисии кои се стационирани во Мали од 2013 година, терористичките организации во земјата ги продолжуваат своите напади.