Servet Günerigök
21 Јуни 2022•Ажурирај: 22 Јуни 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, го повтори својот повик за поголема поддршка од донаторите за населението во Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
За време на неговото излагање на состанокот на Советот за безбедност, Гутереш рече дека хуманитарната ситуација во Сирија и понатаму е страшна за милиони мажи, жени и деца низ целата земја, додавајќи дека потребите се на највисоко ниво од почетокот на војната во март 2011 година.
„Моменталните хуманитарни потреби изискуваат 4,4 милијарди долари за помош на населението во Сирија и уште 5,6 милијарди долари за поддршка на бегалците во регионот“, рече тој.
„Направивме голем напредок во зголемувањето на одговорот, но потребно е повеќе. Дарежливите ветувања дадени на донаторската конференција во Брисел VI треба да се платат“, рече тој. „Апелирам до донаторите да продолжат и да ја зголемат нивната поддршка.
Според челникот на ОН, 14,6 милиони луѓе имаат потреба од хуманитарна помош, а 20 милиони немаат храна, додека 90 отсто од населението живее под прагот на сиромаштија.
Осврнувајќи се на ситуацијата во северозападна Сирија, Гутереш рече дека 2,8 милиони луѓе, главно жени и деца, се раселени, а многумина живеат во кампови или импровизирани населби.
„Огромниот хуманитарен одговор што Обединетите нации и нивните партнери го спроведуваат во Сирија го спречи најлошото, но потребно е повеќе“, рече тој.
„Затоа јас постојано ја истакнував важноста од одржување и проширување на пристапот, вклучително и преку прекугранични операции“, додаде генералниот секретар на ОН.