Merve Berker
21 Јуни 2022•Ажурирај: 22 Јуни 2022
АНКАРА (АА) – Светската криза за храна ќе продолжи сè додека трае оваа колонизирачка војна, изјави украинскиот претседател Владимир Зеленски, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Оваа војна можеби ви изгледа многу далечна за вас и за вашите земји. Но, катастрофално зголемените цени на храната веќе ја донесоа во домовите на милиони африкански семејства, како и на многумина во Азија, Европа и Латинска Америка“, рече Зеленски пред Собранието на Африканската унија.
Обраќајќи се преку видеоврска, Зеленски рече дека на некои земји на африканскиот континент им е особено тешко да ги одржат потребните резерви на храна.
Украина е еден од водечките снабдувачи на пченица на светско ниво, но нејзините испораки се запрени откако Русија ја започна војната во земјата во февруари и ги блокираше украинските пристаништа.
Русија ја негира одговорноста за кризата со храна, ставајќи ја вината за тоа на санкциите наметнати од Западот.
Според Африканската унија, санкциите кон Русија, особено нејзиното исклучување од меѓународниот механизам за плаќање СВИФТ, ги спречуваат некои земји членки да купуваат прехранбени производи.
Но, ЕУ вели дека нејзините санкции не се насочени кон храната и ѓубривата и дека „секој што сака да купи руска храна и ѓубрива, може да го стори тоа“.
Зеленски истакна дека Украина е еден од главните европски производители на ѓубрива, но дека производството е практично запрено поради војната.
Тој рече дека војната била почетната точка на глобалната криза и дека немало недостиг на храна дури и за време на пандемијата на Ковид-19.
„Да не беше руската војна, нашите земјоделци и земјоделски компании ќе можеа да обезбедат рекордна жетва годинава“, рече Зеленски, додавајќи дека светот немаше да страда од „катастрофалниот“ пораст на цените на храната.
Украинскиот претседател истакна дека Русија го користи страдањето на луѓето за да изврши притисок врз земјите што воведоа санкции.
Тој ги повика земјите членки на Африканската унија да се погрижат нивните гласови да бидат доволно силни за да бидат слушнати на меѓународната сцена.
„Ве поканувам да ја посетите нашата земја сега за да ги обновиме нашите билатерални односи. Предлагам да започнеме со подготовка, со наша заедничка волја, на една голема политичка и економска конференција „Украина – Африка““, рече тој.
Споменувајќи дека Украина отсекогаш го поддржувала мирот на африканскиот континент, Зеленски истакна: „Мораме да го ослободиме нашиот народ од заканите вештачки создадени за нас од која било држава која едноставно сака да нè освои, да ги искористи нашите ресурси и нашата територија“.
„Нашата задача број еден сега е конечно да се ослободиме од заканата од глад. Во 21. век, таква закана едноставно не може да постои - благодарение на Украина, благодарение на нашиот земјоделски сектор“, нагласи тој.
Зеленски рече дека за да се избегне гладта, руските напори „за враќање на агресивната политика на колонијализмот мора да завршат“ бидејќи „времето на империите заврши“.