Ayhan Şimşek
18 Септември 2018•Ажурирај: 18 Септември 2018
БЕРЛИН (АА) - Германија го поздрави денес Договорот меѓу Турција и Русија за воспоставување на демилитаризирана зона во сириската покраина Идлиб, последното засолниште на опозициските групи, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ги поздравуваме сите чекори за избегнување хуманитарна катастрофа“, напиша на социјалната мрежа Твитер, германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас, осврнувајќи се на Договорот меѓу Турција и Русија.
Тој повика на преземање конкретни чекори кон имплементирање на Договорот.
„Договорот во Сочи сега мора да се имплементира. Тоа не беше можно за другите договори во Сирија во изминатите години“, додаде тој.
Мас минатата недела во Берлин се состана со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и ја повика Москва да ја избегне големата воена офанзива во Идлиб за која рече дека ќе доведе до хуманитарна катастрофа и нов прилив на бегалци.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин по вчерашните преговори во Сочи се согласија да воспостават демилитаризирана зона во сириската покраина Идлиб.
Путин истакна дека до 15 октомври демилитаризираната зона ќе се протега од 15 до 20 километри во внатрешноста на Идлиб.
Според Договорот, турските и руските вооружени сили ќе спроведуваат заеднички патроли долж периметарот на зоната.
Лоциран во близина на турската граница, Идлиб е дом на над 3 милиони Сиријци, од кои многумина дојдоа од другите градови по нападите од страна на режимските сили.
Сирискиот режим неодамна објави план за започнување голема воена офанзива во подрачјето на Идлиб, кое долго време е под контрола на различни вооружени опозициски групи.
Обединетите нации (ОН) минатата недела предупредија дека таквата офанзива ќе ја предизвика најголемата хуманитарна катастрофа во 21 век.