Ayhan Şimşek
02 Декември 2024•Ажурирај: 03 Декември 2024
БЕРЛИН (АА) - Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок денес ја повика Кина да го искористи своето влијание за да помогне да се стави крај на руската војна во Украина, предупредувајќи дека со нејзината поддршка на Москва ќе ги наруши односите со Европа, јавува Анадолу.
Баербок во текот на еднодневната посета на Пекинг имаше опсежни разговори со кинескиот колега Ванг Ји, фокусирајќи се на војната во Украина и тековните напори за постигнување дипломатско решение на конфликтот.
„Секоја постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации има одговорност за мирот и безбедноста во светот; тие не смее да 'подгреваат' конфликти што ја загрозуваат безбедноста на сите нас со својата поддршка“, изјави Баербок за новинарите по состанокот.
„Беспилотните летала од кинеските фабрики и севернокорејските трупи што го напаѓаат мирот среде Европа ги нарушуваат нашите основни европски безбедносни интереси“, додаде таа.
Минатиот месец во извештаите на европските медиуми се тврдеше дека компанија со седиште во Кина произведува воени беспилотни летала за руските воени напори во Украина.
Откритијата ја зголемија загриженоста кај западните сојузници за индиректната поддршка на Кина на руската воена кампања и покрај официјалниот став на Пекинг за неутралност во конфликтот.
Баербок го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека се обидува да ги вклучи азиските земји во украинскиот конфликт. Таа нагласи дека таквите акции нема да им служат на интересите на Кина.
„Рускиот претседател не само што го уништува нашиот европски мировен поредок преку неговата војна против Украина туку сега во неа ја вовлекува и Азија преку Северна Кореја. Мојот кинески колега и јас опширно разговаравме зошто тоа не може да биде во интерес на Кина“, рече таа.
Потврдувајќи дека Берлин и Пекинг имаат различни перспективи за конфликтот, Баербок рече дека двете страни се вклучиле во суштински дискусии за дипломатските напори за мирно решавање.
„Поитно од кога било потребен е процес за праведен мир бидејќи овие илјада дена брутална руска агресија ѝ донесоа не само уништување на Украина туку, исто така, предизвикаа светски последици, со зголемените цени на храната и сега со ризикот од вклучување на други региони во овој конфликт“, изјави Баербок.