Ekipa
15 Септември 2021•Ажурирај: 16 Септември 2021
КИГАЛИ (АА) - Француската министерка за одбрана го предупреди Мали да не ја ангажира руската приватна фирма за обезбедување „Вагнер“, објавија француските медиуми, откако се појавија наводи дека воената влада на западноафриканската земја е близу до потпишување договор за ангажирање 1.000 платеници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Пред парламентарната комисија, министерката Флоренс Парли рече дека доколку властите на Мали склучат договор со „Вагнер“, „тоа би било крајно загрижувачко и контрадикторно“.
„Тоа не е кохерентно со она што го правевме со години и со она што имаме намера да го направиме во насока на поддршка на земјите од регионот на Сахел“, порачува Парли, пренесува француската новинска агенција АФП.
Нејзините коментари дојдоа неколку дена откако „Ројтерс“ објави дека на групата „Вагнер“ ќе ѝ бидат плаќани околу 10,8 милиони долари месечно за нејзините услуги.
Портпаролот на Министерството за одбрана на Мали изјави дека Владата сè уште не потпишала договор со „Вагнер“, но тој не ги негираше дискусиите што се водат по тоа прашање.
Во 2013 година, Франција испрати трупи во Мали, откако избија немири на северниот дел од земјата.
Но, односите меѓу двете земји се влошија по државниот удар во август 2020 година, со кој беше соборен претседателот Ибрахим Бубакар Кеита.
Франција ја прекина воената соработка со Мали во јуни, а францускиот претседател Емануел Макрон најави дека ќе ги затвори базите во северниот дел на Мали и ќе го намали присуството на француските војници во регионот Сахел.
Растечкото влијание на руските паравоени компании и советници е регистрирано во Централноафриканската Република, на страв на Франција.
Како што се тврди, силите на „Вагнер“ се присутни и во Либија, Судан и Мозамбик.
Мали се бори со бунтовничките групи поврзани со Ал Каеда и ДЕАШ од 2012 година, кога започнаа немирите на северот на земјата.