Faruk Zorlu
04 Ноември 2019•Ажурирај: 07 Ноември 2019
ТРИПОЛИ (АА) - Либискиот Меѓународен аеродром „Митига“ во Триполи утринава беше цел на нови воздушни напади, јавува Anadolu Agency (AA).
Силите лојални на меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија соопштија дека нападите ги извршиле странски бомбардери, што ги поддржуваат силите лојални на командантот од источниот дел на Либија, Калифа Хафтар.
Официјалниот претставник на либиската Влада, Мустафа ел Месеи, изјави дека врз аеродромот се извршени четири напади, но не откри детали за идентитетот на авионите, ниту за последиците од нападот.
Аеродромот во Триполи и во текот на изминатите недели беше цел на слични напади.
„Митига“ е единствен оперативен меѓународен аеродром во Триполи. Од центарот на градот е оддалечен осум километри, а за време на прекинот на работата, сите летови се пренасочуваат на Меѓународниот аеродром во Мисрата.
Силите на Хафтар од април извршуваат напади на Триполи, а досега во судирите во главниот град на Либија загинаа повеќе од илјада, а ранети се 5.500 лица.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година, кога беше убиен Моамер Гадафи. Оттогаш, на власт се паралелни влади со седиште во Триполи и Тобрук, кои имаат посебни парламенти и вооружени сили.