Dilara Zengin Okay
06 Август 2026•Ажурирано: 06 Август 2026
Американскиот технолошки гигант „Гугл“ направи промени во највисокото раководство во својот оддел за вештачка интелигенција Гугл ДипМајнд, назначувајќи го турскиот инженер Корај Кавукџуоглу за виш потпретседател, јавува Анадолу.
Извршниот директор на „Алфабет“, матична компанија на „Гугл“, Сундар Пичаи, ја објави одлуката на американската платформа за социјални медиуми Х.
Пичаи соопшти дека Кавукџуоглу, кој досега беше главен технолошки директор и главен архитект за вештачка интелигенција во Гугл ДипМајнд, ќе ја преземе функцијата виш потпретседател и ќе биде одговорен за развојот на моделите, најсовремените истражувања во областа на вештачката интелигенција, Џеминај и тимовите за развивачи.
„Корај е дел од Гугл ДипМајнд веќе 13 години и е светски признат експерт во оваа област. Тој го основа нашиот тим за длабоко учење и предводеше значајни откритија како ВејвНет Дип Кју Нетворк. Гугл ДипМајнд е во сигурни раце“, напиша Пичаи.
Тој додаде дека Демис Хасабис, еден од основачите на Гугл ДипМајнд, ќе ја извршува функцијата претседател на Управниот одбор на одделот и главен научник во „Алфабет“, а истовремено ќе продолжи да го води Изоморфик Лабс.
Според Пичаи, Хасабис ќе се фокусира на „обликувањето на иднината на општата вештачка интелигенција (АГИ) и научните откритија“, што „Алфабет“ ги смета за исклучително важни за компанијата и за човештвото.