Mohammad Sıo
24 Март 2025•Ажурирај: 24 Март 2025
ГАЗА (АА) - Најмалку двајца Палестинци се убиени, а неколку повредени кога израелската Армија гранатираше болница во јужниот дел на Газа синоќа, соопшти Министерството за здравство на Газа, јавува Анадолу.
Цел на нападот било хируршкото одделение на болницата, при што животот го загубија 16-годишно момче и уште еден Палестинец, а беа повредени уште неколку пациенти и медицински персонал, се вели во соопштението.
Министерството соопшти дека втората жртва била пронајдена среде урнатините на хируршкиот оддел, каде што бил оперирана два дена пред тоа.
„Нападот на хируршкото одделение во медицинскиот комплекс Насер доведе до смрт на двајца Палестинци, еден на возраст од 16 години, и а беа повредени голем број лица и медицински тимови“, се вели во соопштението.
Израелската војска го призна нападот во соопштение, тврдејќи дека во него е убиен клучен член на Хамас.
Групата објави соопштение во кое се вели дека Исмаил Бархум, член на нејзиното политичко биро, бил убиен во израелски напад врз дел од медицинската болница Насер во Кан Јунис, јужна Газа, додека бил на лекување.
Претходно, медицински извор за Анадолу изјави дека еден Палестинец загинал, а неколку други се повредени во израелското гранатирање на болницата.
Очевидци изјавија дека нападот бил насочен кон вториот кат од болницата, предизвикувајќи пожари во објектот.
Болницата Насер е една од најголемите медицински установи во јужниот дел на Газа, во која се сместени значителен број пациенти и повредени цивили.
Израелската Армија уби повеќе од 700 Палестинци и повреди над 1.000, откако започна ненадејна воздушна кампања врз Газа минатиот вторник, со што беше прекршен договорот за прекин на огнот и размена на заробеници што беше на сила од јануари.
Од почетокот на својата геноцидна војна врз Газа, Израел нападна, запали и уништи 34 болници, соопшти владината канцеларија за медиуми на Газа.
Над 50.000 Палестинци се убиени, главно жени и деца, а над 113.000 се повредени во бруталната израелска воена офанзива врз Газа од октомври 2023 година.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант, за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.