Mohammad Sıo
29 Ноември 2025•Ажурирај: 30 Ноември 2025
ГАЗА / ИСТАНБУЛ (АА) - Израелската армија уби две палестински деца денес во напад со беспилотно летало врз градот Бани Сухаила, источно од Хан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, изјавија медицински лица, известува Анадолу.
Телата на двајцата браќа пристигнаа во болницата Насер во Хан Јунис по израелскиот напад извршен во близина на училиштето „Ал-Фараби“ во Бани Сухаила, изјавија за Анадолу медицински извори од болницата Насер.
Подрачјето каде е извршен нападот се наоѓа во зоните што израелската армија продолжува да ги држи под контрола според договорот за прекин на огнот, кој стапи на сила на 10 октомври.
Сепак, Палестинците во областа бараат да се идентификуваат овие зони бидејќи армијата не ги поставила жолтите бетонски блокови коишто обично ја означуваат линии на раздвојување помеѓу областите што сè уште се под нивна контролира и оние од кои се повлекла, информира дописникот на Анадолу.
Некои жители се обидуваат да стигнат до овие зони во потрага по дрва за огрев или храна, или во обид да се вратат во своите уништени домови за да спасат постелнина и основни работи пред падот на температурите со доаѓањето на зимата.
Денес израелската војска ги интензивираше своите копнени, поморски и воздушни напади врз неколку делови од Појасот Газа, сите во областите што сè уште се под контрола на Израел.
Во израелските бомбардирања погодени се источниот дел на градот Газа, градот Беит Лахија на северот, источните предградија на кампот Ал-Буреиџ во централна Газа, Рафа, како и градовите Ал-Карара и Бани Сухаила источно од Хан Јунис, изјавија очевидци за Анадолу.
Израел уби речиси 70.000 Палестинци, претежно жени и деца, и повреди над 170.000 во нападите врз Газа од октомври 2023 година.