Mahmoud Barakat,Jeyhun Aliyev
01 Ноември 2019•Ажурирај: 02 Ноември 2019
СИРИЈА (АА) - Терористичката организација ДЕАШ, во аудиоизјава ја потврди смртта на својот водач Ебу Бекр ал Багдади, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Терористичката организација го именуваше Ебу Ибрахим ал Хашими ал Курејши за свој нов водач“, се вели во соопштението пренесено од медиумското крило на организацијата „Ал-Фуркан“.
Во аудиоснимката објавена преку канали блиски до ДЕАШ преку апликацијата за пораки „Телеграм“, Ебу Хамза ал Курејши, т.н. нов портпарол на терористичката организација, ја потврди смртта на Ал Багдади и Ебу ал Хасан ал Мухаџир, поранешниот портпарол на ДЕАШ.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја соопшти смртта на Ал Багдади во неделата, по специјалната операција во северозападниот дел на сириската покраина Идлиб.
Под водство на Багдади, ДЕАШ од 2013 година ја презеде контролата врз големи области на Ирак и Сирија, а потоа тврдеше дека во регионот формирала „калифат“. Истовремено планираше и морничави напади кои терористите на ДЕАШ ги изведуваа далеку од главното упориште.
Багдади беше главна цел и на администрацијата на Трамп и на администрацијата на Обама, за кого имаше распишано награда од 25 милиони долари.
Бидејќи коалицијата предводена од Соединетите Американски Држави (САД) ги поврати териториите кои беа заземени од терористичката организација, Багдади сè повеќе остануваше во сенка, ретко објавувајќи претходно снимени аудиопораки на своите приврзаници.