Behlül Çetinkaya
16 Октомври 2020•Ажурирај: 18 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - БЕХЛУЛ ЧЕТИНКАЈА –
Десет проценти од светската популација, односно 821,6 милиони луѓе не можат да дојдат до доволно количество храна. Шеесет проценти од оваа бројка е во региони каде што нема политичка стабилност, каде што има војни и внатрешни конфликти.
Според собраните информации на Агенција Анадолија (АА) од извештаите на Светската програма за храна на Обединетите нации (ОН), Светската здравствена организација (СЗО) и Организацијата за храна и земјоделство (ФАО), недоволното хранење и гладот се главните причини за смртта и неотпорноста на болести, особено во африканските земји.
Според СЗО, 462 милиони возрасни лица во светот се борат со неухранетост и глад, а повеќе од 205 милиони деца под петгодишна возраст се или гладни или нивната телесна тежина е многу мала во споредба со нивната возраст или висина.
Извештаите покажуваат дека 45 проценти од децата кои умираат на возраст под 5 години, умираат поради недоволна исхрана или од глад.
Кога се гледаат процентите, се забележува дека Африка се издвојува како континент со најголема стапка на смртност предизвикана од глад. Се проценува дека на истокот на континентот вкупно 256 милиони луѓе се борат со глад или пак 31 процент од населението не е доволно нахрането.
Постои загриженост дека оваа стапка ќе се зголеми како резултат на конфликтите, климатските промени и новиот вид коронавирус (Ковид-19).
- Гладот најмногу ги погоди африканските земји -
Во светски рамки 821 милион луѓе се борат со глад, 60 проценти од нив се луѓе во регионите каде што се одвиваат конфликти.
Според податоците за Светскиот индекс на глад во 2020 година, шест од десетте земји во кои најмногу се забележува неухранетост и глад, се во Африка, три во Азија и една во Америка.
Централноафриканската Република е една од земјите кои се најмногу погодени од глад поради сушата, конфликтите и економските кризи. Во оваа земја, 53,6 проценти од населението не може да стигне до доволно храна. По оваа земја следува со војна зафатениот Јемен каде што 45,9 проценти од населението се бори со глад.
Потоа од африканските земји следуваат Чад, со 44,2 отсто од населението, Мадагаскар со 41,5 отсто, Замбија со 38,1 отсто, Либерија со 34,9 отсто и Зимбабве со 34,4 отсто.
Според податоците на ОН, голем број деца се раѓаат со мала тежина, што е резултат на неможноста на нивните мајки да се хранат доволно и здраво за време на бременоста. Бебињата се раѓаат под 2,5 килограми. Речиси три од секои десет деца во светот се родени со телесна тежина под 2,5 килограми.