Michael Gabriel Hernandez
04 Септември 2020•Ажурирај: 05 Септември 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Договорот за економска нормализација меѓу Косово и Србија ја вклучува и обврската на Белград да ја префрли израелската Амбасада од Тел Авив во Ерусалим, наведоа од Белата куќа, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Нашите домаќини мислеа дека ние треба да го повикаме Израел да го признае независно Косово. Ние рековме дека не можеме да го направиме тоа. Одигравме на следниот начин - одиме со два договора. Ако ја почитувате Србија ние за една година ќе ја префрлиме Амбасадата, ќе покажеме почит кон Израел, но нема да учествуваме во она што го потпишаа со Албанците“, објасни за српските медиуми Александар Вучиќ, претседателот на Србија.
Американскиот претседател Доналд Трамп изрази задоволство од постигнувањето на, како што го нарече, историскиот договор меѓу Србија и Косово со посредство на Соединетите Американски Држави (САД).
„Договорот што го посредуваа САД вклучува и договор меѓу Косово и Израел за нормализирање на нивните односи и воспоставување дипломатски врски. Србија, исто така, се согласи во септември да отвори комерцијална канцеларија во Ерусалим и во јули да ја пресели својата Амбасада во тој град“, рече Трамп.
Вучиќ по постигнувањето на договорот инсистираше на тоа дека станува збор за билатерален, а не за трилатерален договор.
„Ова е добар договор за Србија, ќе звучи триумфално ако кажам дека честитам, но јас сум искрено задоволен, а сите членови на делегацијата со она што го постигнавме. Ова не е трилатерален договор. Важна е разликата. Ова е договор што Србија го направи со САД, третата страна не е призната како субјект на меѓународното право, што е важно за нас“, нагласи Вучиќ, пренесоа српските медиуми.
Обраќајќи им се на новинарите во Овалната соба, заедно со косовскиот премиер и српскиот претседател, Трамп истакна дека економскиот пакт ќе послужи како отскочна штица за понатамошна соработка, опишувајќи го тоа достигнувањето како фактор за обединување.
„Економијата може да ги спои луѓето. Имаше многу расправии, а сега и многу љубов“, рече американскиот претседател.
Српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти ги предводеа делегациите кои вечерва во Белата куќа потпишаа договори со американскиот претседател Трамп, кои се однесуваат на економската соработка меѓу Србија и Косово.
По состанокот во Вашингтон, делегациите на Србија и Косово патуваат за Брисел на понатамошни преговори.