Ekipa
09 Јули 2022•Ажурирај: 10 Јули 2022
ХЈУСТОН (АА) - Извршниот директор на Тесла, Елон Маск, објави дека се повлекува од договорот вреден 44 милијарди долари за купување на Твитер, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Г. Маск го раскинува Договорот бидејќи Твитер материјално прекршува повеќе одредби од тој договор“, истакна адвокатот на Маск, Мајк Ринглер, во писмото до Комисијата за хартии од вредност (SEC) од 8 јули.
„Се чини дека (Твитер) направи лажни и погрешни претставувања на кои господин Маск се потпираше при влегувањето во Договорот за спојување и најверојатно ќе претрпи материјално неповолен ефект за компанијата“, се вели во писмото.
Во раскинувањето на договорот се наведува и недостаток на информации за профилите на ботовите.
„Речиси два месеци, господин Маск ги бараше податоците и информациите неопходни за „да направи независна проценка на лажните или спам профили на платформата Твитер“, се вели понатаму во писмото. „Оваа информација е фундаментална за деловните и финансиските перформанси на Твитер и е неопходна за да се исполнат трансакциите предвидени со Договорот за спојување.“
„Твитер не успеа или одби да ги даде овие информации“, рече Ринглер во поднесокот до Комисијата. „Понекогаш Твитер ги игнорираше барањата на господин Маск, понекогаш ги одбиваше поради причини кои се чинеа неоправдани, а понекогаш тврдеше дека ги исполнува барањата, додека на господин Маск му беа давани нецелосни или некорисни информации.“
Претседателот на Твитер, Брет Тејлор, објави твит по објавата на Маск.
„Одборот на Твитер е посветен на затворање на трансакцијата според цената и условите договорени со господин Маск и планира да продолжи со правните дејствија за да го спроведе договорот“, напиша Тејлор. „Уверени сме дека ќе победиме во Канцеларискиот суд во Делавер.“
Во зависност од тоа што ќе одлучи судот, технички, според договорот со Твитер, Маск во најмала рака треба да плати такса за раскинување од 1 милијарда долари доколку договорот не се реализира.
До неговата понуда на 14 април да ја купи платформата за социјални медиуми за 54,20 долари по акција, Маск беше остар критичар на практиките на објавување пораки на Твитер и ја опиша платформата како важен форум за слобода на говорот.