Ivana Ramadanova
19 Април 2016•Ажурирај: 20 Април 2016
БРИСЕЛ (АА) - Целта на новата лидерска средба на првите луѓе на четирите најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА е спас и почитување и имплементација на договорот од Пржино, а не постигнување нов договор за излез од политичката криза во Република Македонија, потврдија за МИА од ЕУ, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Би рекла зошто не Виена? Можам да кажам дека добро е познато дека е испратено писмо-покана во име на комесарот Хан и тројцата европратеници посветени на ова прашање, за состанок со политичките лидери од БЈР Македонија што треба да се случи во Виена овој петок на 22-ри април. Целта на состанокот е да се дискутира за начините за решавање на кризата и да се обезбеди лидерите да продолжат со имплементација на договорот од Пржино и со реформските приоритети со цел да покажат волја да ја вратат земјата на евроатлантскиот пат”, истакна Коцијанчиќ, портпаролката на ЕУ.
Според информациите од Еврокомисијата, иако сè уште не е избрано точното место каде ќе се одржи состанокот во главниот град на Австрија, се шпекулира со седиштето на ЕУ-делегацијата во Виена или во седиштето на ОБСЕ. Единствено е познато дека состанокот в петок ќе започне во 11 часот и се очекува да трае долго поради претходното искуство на сите засегнати при ваквите преговори во минатото.