Diyar Güldoğan
17 Мај 2023•Ажурирај: 18 Мај 2023
АНКАРА (АА) – Договорот за црноморскиот коридор за извоз на жито, кој истекува денес (18 мај), е продолжен за уште два месеци, објави вчера турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
„Со напорите на нашата земја, поддршката на нашите руски пријатели и придонесот на нашите украински пријатели, одлучено е да се продолжи договорот за коридорот за жито преку Црното Море за уште два месеци“, рече Ердоган за време на неговото обраќање до обласните челници, пратеници и градоначалници од Партијата за правда и развој (АК Партија) преку видеоврска.
Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина првично го потпишаа договорот во јули во Истанбул за рестартирање на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, кој запре по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.
Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за надгледување на испораката.
„Се надеваме дека ќе ги видиме деновите кога војната меѓу Русија и Украина ќе заврши, прво со траен прекин на огнот, а потоа со мир“, порача Ердоган.
Турскиот претседател им се заблагодари на неговите руски и украински колеги и на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за нивните напори.
„Освен тоа, нашите руски пријатели изјавија дека нема да го спречат излегувањето на турските бродови од пристаништата Миколаив и Олвија. Ние сме им благодарни за тоа“, додаде тој.