Özcan Yıldırım
21 Мај 2018•Ажурирај: 22 Мај 2018
АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе продолжи со вложување напори се додека Ерусалим не стане место на мирот, благосостојбата и безбедноста за сите луѓе, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ја продолжуваме нашата борба се додека Ерусалим не стане место на мирот, благосостојбата и безбедноста за припадниците на сите три монотеистички вери", рече Ердоган во обраќањето на ифтарот со амбасадорите во Анкара.
Истакна дека Турција никогаш Ерусалим нема да го остави на милост и немилост на Израел.
„Никогаш нашата прва кибла, Ерусалим, нема да ја препуштиме на милост и немилост на државата која се храни со крв, солзи и агресија. Не се откажуваме од нашите права на Ерусалим и во тоа сме решителни", рече турскиот претседател.
Нагласи и дека светот конечно мора да биде очистен од нуклеарно оружје.
„Целиот свет мора да биде очистен од нуклеарно оружје. Оние кои сега поседуваат преку 15.000 нуклеарни боеви глави претставуваат закана за светот", рече Ердоган.
Додаде дека реална закана за Турција и за целиот регион е токму нуклеарното оружје.
„Ако 450 нуклеарни централи во 31 земја во светот не се закана за нас, тогаш ниту нуклеарните централи на другите земји, под услов да бидат под строг надзор, нема да претставуваат закана. Реална закана за нашата земја и за нашиот регион е нуклеарното оружје", рече Ердоган.
Напомена дека ја поддржува идејата нуклеарната енергија да се користи во мирни цели.
„Во потполност ја поддржуваме идејата нуклеарната енергија да се користи во мирни цели. Мислиме дека секоја земја има право на тоа. Веруваме дека секој треба да го почитува правото на земјите кои на овој начин сакаат да им удоволат на своите потреби во областа на енергетиката", рече Ердоган.
На крајот предупреди и дека во последно време дипломатијата, како средство за решавање на кризи, доживеа сериозна ерозија.