Enes Kaplan
19 Декември 2019•Ажурирај: 19 Декември 2019
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека во време кога се зборува за трговски војни, тргувањето со националната валута станало итност и дека Турција е подготвена да работи заеднички за ова прашање за кое досега се постигнати многу добри резултати, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Ердоган присуствуваше на сесијата под наслов „Улогата на развојот во стекнувањето на националниот суверенитет“ на тркалезната маса со тема „Приоритет на развојот и анализи“, што се одржува во конференцискиот центар на Куала Лумпур.
Обраќајќи се на учесниците, Ердоган рече дека тој и другите учесници во програмата за отворање се осврнале на основните проблеми на исламскиот свет, генерално направиле слични проценки за секоја тема и дека идеите се преклопувале во голема мера.
Истакнувајќи дека е важно да се зборува за проблемите, Ердоган рече дека главната работа е всушност да се најдат решенија за проблемите.
„Верувам дека треба да се фокусираме на прашањето „што можеме да направиме заедно“. Знаете, доста време истакнуваме дека билатералната трговија треба да ја спасиме од притисокот на девизите. Обрнуваме внимание на важноста на трговијата со националната валута, наместо со странските валути. Недостатокот на сопствени платежни системи ги прави нашите финансиски пазари подложни на шокови и манипулации“, нагласи Ердоган.
Наведувајќи дека се обидуваат да развијат алтернативни платежни системи со земји како што се Русија, Кина, Бразил, со цел да се спречат манипулациите, Ердоган рече: „Во време кога се зборува за трговски војни, тргувањето со националната валута стана итност. Подготвени сме да работиме заеднички за ова прашање за кое досега се постигнати многу добри резултати.“
Истакнувајќи дека муслиманите имаат многу млада и динамична популација, Ердоган посочи дека има сериозни проблеми во однос на образованието што ќе го мобилизира овој човечки капитал.
„Сѐ уште сме под светскиот просек во однос на стапката на писменост и на писменоста кај девојките. Стапката на писменост општо во светот е 82,5 проценти, во исламските земји е 70 проценти. Во периодот од 2006-2016 година, 17,2 проценти од машките, а 19 проценти од девојчињата не можеа да одат на училиште“, рече Ердоган.
Според Ердоган, кај муслиманските земји просечно 3,7 проценти од националниот приход е посветен на образованието, додека во целиот свет таа стапка изнесува 4,8 проценти.
„Овие бројки укажуваат дека образованието треба да биде наш главен приоритет“, нагласи Ердоган.