Handan Kazancı
31 Март 2022•Ажурирај: 01 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Пред состанокот во Брисел следната недела, ерменскиот премиер Никол Пашинјан изрази подготвеност да постигне мировен договор со соседен Азербејџан, јавуваат локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Уште еднаш ја изразувам подготвеноста на Република Ерменија да потпише мировен договор со Азербејџан“, рече премиерот Никол Пашинјан по состанокот на Владата“, пренесе „Арменпрес“.
„Ерменија е подготвена веднаш да започне мировни преговори“, додаде тој.
„Се надевам дека на тој состанок со претседателот на Азербејџан [Илхам Алиев] ќе разговарам и ќе се договорам за сите прашања во врска со започнувањето на мировните преговори“, рече тој.
Лидерите на двете кавкаски нации треба да се сретнат следната среда во Брисел со Шарл Мишел, шефот на Европската комисија.
Односите меѓу поранешните советски републики се затегнати од 1991 година, кога ерменската војска го окупира Нагорно-Карабах, познат и како Горен Карабах, територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан, и седум соседни региони.
Новите судири избија на 27 септември 2020 година, а за време на шестнеделната војна Азербејџан врати неколку града и 300 населби и села.
Конфликтот заврши во ноември 2020 година со договор со посредство на Русија, според кој Ерменија отстапи делови од територијата што ја окупираше со децении.
Во јануари 2021 година, лидерите на трите земји се согласија да развијат економски врски и инфраструктура во корист на целиот Кавкаски Регион.