Hasan Esen
31 Март 2022•Ажурирај: 01 Април 2022
ЛОНДОН (АА) - Советниците на рускиот претседател Владимир Путин се двоумат дали да му ја кажат вистината за ситуацијата во Украина, но резултатите од погрешните проценки на рускиот лидер се кристално јасни, истакна шефот на британската служба за електронско разузнавање (GCHQ), Џереми Флеминг, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во својот говор на универзитет за време на неговата посета на Австралија, Флеминг рече дека Путин „во голема мера погрешно ја разбрал ситуацијата“.
Истакнувајќи дека рускиот лидер „очигледно погрешно го процени отпорот на украинскиот народ“, Флеминг додаде: „Тој ја потцени силата на коалицијата. Ги потцени економските последици од санкциите. Ги прецени можностите на неговата армија, мислејќи дека може да постигне брза победа.“
Флеминг, исто така, наведе дека руските војници одбивале да ги следат наредбите, ја саботирале сопствената опрема, па дури и случајно ги собориле сопствените авиони.
„Покрај тоа што веруваме дека советниците на Путин се плашат да му ја кажат вистината за тоа што се случува, и резултатите од погрешните проценки на рускиот лидер се кристално јасни“, нагласи Флеминг.
Меѓу другото, Флеминг нагласи дека украинската војна станала лична војна на Путин, и дека освен невините луѓе во Украина, сѐ повеќе цената ја плаќаат и обичните Руси.
Флеминг истакна дека западните сојузници јавно објавуваа „строго тајно разузнавање“ за да го поразат Путин во информациската војна и во борбата против киберзаканите.