Ekip
28 Септември 2019•Ажурирај: 29 Септември 2019
КАБУЛ (АА) - Важните претседателски избори завршија денес во Авганистан, а беа забележани неколку насилни случаи во земјата разорена од војна, во кои загинаа тројца, а повредени се повеќе од 40 луѓе.
Досега безбедносните официјални претставници за Anadolu Agency (AA) потврдија дека три лица загинале, а дека над 40 се повредени во насилството поврзано со изборите.
Хава Алим Нуристани, претседателката на Независната изборна комисија на Авганистан, претходно изјави дека гласачките места на претседателските избори ќе останат отворени за додатни два часа.
Нуристани денес изјави дека официјалните претставници сакаат луѓето што чекаат во ред, да имаат можност да го дадат гласот. Таа истакна дека Комисијата проценува дека отприлика 4.500 гласачки места се отворени низ земјата, и покрај загриженоста поради безбедноста и неорганизираното гласање.
Четвртите претседателски избори во Авганистан се одложувани веќе три пати. Право да гласаат за 15 кандидати имаат 9,6 милиони граѓани. Фаворити се моменталниот претседател на таа земја, Ашраф Гани, и претседателот на Извршниот совет, Абдула Абдула.
Поради заканите на Талибанците, преземени се опсежни безбедносни мерки.
Изборите би требало да бидат одржани на 7.383 гласачки места, а надлежните институции претходно изјавија дека сигурност можат да остварат на 5.388 места. На речиси две илјади места гласањето нема да може да биде одржано поради безбедносните закани на Талибанците или некои други милитанти.
Според Уставот, на претседателскиот кандидат му требаат повеќе од 50 отсто од гласовите за да победи. Доколку ниту еден кандидат не победи со мнозинство, во вториот или последниот круг ќе се најдат двајцата кандидати што освоиле најмногу гласови во првиот круг. Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 23 ноември.
Независната изборна комисија ќе ги објави прелиминарните резултати на 19 октомври, а конечните резултати од изборите ќе бидат објавени на 7 ноември.