Şerife Çetin
08 Ноември 2017•Ажурирај: 09 Ноември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на Северноатлантскиот сојуз (НАТО), Јенс Столтенберг, изјави дека во согласност со актуелната ситуација, потребно е да се ажурира командната структура на НАТО за организацијата да може да се справува со секојдневните предизвици и да се грижи за безбедноста во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Брисел денес започнува дводневното заседание на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО, а првиот човек на таа организација, Столтенберг, непосредно пред почетокот на состанокот изјави дека тоа ќе биде подготвителен состанок за Самитот на лидерите на НАТО, кој ќе се одржи наредната година, исто така во Брисел.
Столтенберг изјави дека НАТО ќе продолжи да работи на воспоставувањето побезбеден свет во екот на предизвиците што ги донесе 21. век.
Тој ја нарече Командната структура на НАТО 'рбетен столб на таа организација и најави дека ресорните министри на членките, на состанокот во Брисел ќе се обидат да постигнат нацрт-договор за потребното ажурирање на тоа тело.
Генералниот секретар на НАТО во дадениот контекст најави отворање на два нови командни центра, кои ќе се грижат за поморската врска помеѓу Северна Америка и Европа, и ќе работат на олеснување на дејствувањето на силите на НАТО на подрачјето на Европа. Не е познато во кои земји ќе бидат отворени тие центри.
„Во тој процес ќе соработуваме блиску со земјите-членки, приватниот сектор и со ЕУ“, изјави Столтенберг.
„Русија и Кина имаат голема одговорност кога е во прашање тој проблем, а станува збор за две постојани членки на Советот за безбедност и две соседни земји на Северна Кореја“, изјави генералнииот секретар на НАТО и додаде дека сите членки на НАТО се согласни за потребата да се продолжат политичките и економските притисоци над властите на Северна Кореја.
Во продолжение на заседанието, министрите утре ќе разговараат и за ситуацијата во Авганистан, а Столтенберг изјави дека НАТО ќе продолжи со интензивирање на присуството на неборбените елементи во таа земја.
„Безбедносната ситуација во Авганистан и понатаму е чувствителна. Меѓутоа, авганистанските безбедносни сили добро напредуваат во спречувањето на талибанските милитанти за остварување на нивните стратешки цели“, изјави Столтенберг.
Борбата против терористичките организации е уште една од темите за кои министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО денес и утре ќе разговараат во Брисел.
На заседанието ќе присуствуваат и високата комесарка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, а тоа ќе биде можност и за голем број билатерални и мултилатерални разговори на министрите во рамките на главниот настан.