Gamze Türkoğlu Oğuz
18 Јануари 2018•Ажурирај: 19 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Дваесет и една организација која ги претставува муслиманите од Аракан се загрижени поради планот за враќање на араканските муслимани (Рохинџа) во Мјанмар, пренесува Anadolu Agency (AA).
Организациите ширум светот кои се залагаат за заштита на правата на муслиманите од Аракан истакнаа дека се поставува прашањето на кој начин ќе се вратат бегалците кои сведочеле за екстремизмот на мјанмарските војници и насилството врз нив.
Во соопштението, 21 организација наведува дека мјанмарската влада и војска не го промениле ставот кон араканските муслимани.
Потсетија дека владата и војската на Мјанмар, араканските муслимани сѐ уште ги нарекува Бенгалци кои дошле од Бангладеш и дека тие лица поради насилството кое и понатаму трае над нив продолжуваат да бегаат во Бангладеш.
Се додава дека бегалците од Аракан не сакаат да се вратат во Мјанмар додека не биде формирана толерантна средина, и дека нема да биде прифатливо преместувањето на тие лица од камповите во Бангладеш во бегалските центри во Мјанмар, наместо во домовите.
Исто така, се наведува дека е важно да се осигура безбедноста за животот и имотот на муслиманите од Аракан, пред тие да се вратат во Мјанмар.
Истакнато е дека меѓу останатото, потребно е во целиот процес да биде вклучен Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), за враќањето на бегалците да биде во потполност доброволно, како и тоа, бегалците кои под надзор на мировната мисија на ОН ќе се вратат во Мјанмар да бидат сместени во сопствени домови.
Се наведува дека мјанмарската влада треба на тие луѓе да им додели државјанство со гаранција на сите права и слободи, како и да го признае етничкиот идентитет на Рохинџите.
Овие организации сметаат дека владата на хуманитарните организации на Мјанмар, медиумите и организациите за заштита на човековите права треба да им овозможи пристап до подрачјата во северниот дел на Аракан.
Официјалните лица на Мјанмар и на Бангладеш на почетокот од неделата се состанаа за да разговараат за планот за враќање на муслиманите кои пребегаа од Аракан.
Мјанмарските официјални лица тогаш истакнаа дека процесот на враќање на муслиманите, кои од Мјанмар пребегаа во Бангладеш, би можел да започне наредната недела.
Последните податоци кои ги објавија ОН покажуваат дека од 25 август 2017 година поради насилството во Мјанмар, во Бангладеш побегнале 655 000 муслимани од Аракан. Сателитските снимки на организациите за заштита на човековите права покажуваат дека се запалени повеќе од 350 муслимански села.