Sinan Doğan
13 Август 2019•Ажурирај: 14 Август 2019
АНКАРА (АА) - СИНАН ДОГАН – Во затворите во јужноамериканските земји, кои имаат голем број затвореници во однос на нивните капацитети, поради неможноста да се воспостави доволна контрола, се случуваат немири во кои голем број луѓе го губат својот живот, јавува Anadolu Agency (AA).
На 29 јули 57 затвореници го изгубија својот живот, како резултат на судирите помеѓу групите и бунтовите во затворот „Алтамира“ во северен Бразил. По тој настан почна да се дебатира за состојбата во затворите во Јужна Америка.
Меѓу причините за немирите што резултираат со смрт на голем број луѓе се долготрајноста на процесите за судење и високиот процент на притвореници на кои допрва треба да им се суди.
- Затвор со најголем број затвореници во светот
Според податоците на Центарот за латиноамерикански истражувања (LAMER) за затворите во Латинска Америка, во затворите во Бразил со вкупен капацитет од 419.000 има 724.000 затвореници.
Бразилските затвори се сметаат за едни од најпополнетите затвори во светот. Има многу повеќе затвореници отколку што е нивниот капацитет.
Слична е состојбата и во Колумбија - во земјата има капацитет за 80.000 затвореници, а бројката на затвореници достигна до 123.000.
Во Аргентина има 93.000 затвореници, а капацитет од 74.000 луѓе. Исто така и во Перу, Венецуела, Чиле, Еквадор, Парагвај, Уругвај има повеќе затвореници отколку што е капацитетот на затворите.
Во регионот, Боливија се издвојува како „земја со најголем број затвореници“ над својот капацитет. Иако земјата има капацитет за 5.000 лица, во затворите се наоѓаат 19.000 затвореници.
- „Затворите не се доволни“
Претседателот на Центарот за латиноамерикански истражувања (LAMER), Мехмет Неџати Кутлу, во изјавата за АА истакна дека инцидентите меѓу криминалните банди лесно се пренесуваат во затворите.
Кутлу, исто така истакна дека затворите во однос на структурата и квалитетот се несоодветни и дека тие недостатоци придонесуваат да се случуваат непожелни настани.
- „Контролата на затворите не е во рацете на државата“
Кутлу наведе дека големите криминални групи кои се наоѓаат во затворите влегуваат во сериозни борби за да обезбедат авторитет во затворот.
„Причината за немирите и востанијата се должи на конкуренцијата. Поради обезбедување моќ и авторитет во затворот се случуваат големи конфликти и бунтови кои резултираат со загубени животи. За жал, контролата на затворите во Латинска Америка не е во рацете на администрацијата. Најпознатите затвори во регионот се претворија во училишта за криминал“, нагласи Кутлу.