Dmitri Chirciu
11 Март 2022•Ажурирај: 12 Март 2022
КИЕВ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека околу 100.000 луѓе биле евакуирани во последните два дена од градовите во кои продолжува војната со Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Евакуиравме повеќе од 40.000 луѓе во текот на денот и речиси 100.000 луѓе за два дена“, рече Зеленски во видеопораката на Телеграм, истакнувајќи дека создале хуманитарни коридори за градовите Суми, Тростјанец, Краснопиља, Ирпин, Буча, Хостомел и Изум.
Тој рече дека дал инструкции да се испрати конвој камиони полни со храна и лекови во Мариупол, иако руските војници продолжиле да пукаат.
Негирајќи ги наводите дека Украинската армија се подготвува за напад со хемиско оружје, тој рече: „Русија со пропаганда се обидува да ги прикрие злосторствата што ги изврши во Украина. Ова е многу загрижувачко.“
„Ако сакате да знаете за плановите на Русија, треба да погледнете за што ги обвинува другите. Ние постојано се уверуваме во тоа“, додаде тој.
Најмалку 549 цивили се убиени, а 957 други се повредени во Украина од почетокот на војната, според податоците на ОН. Но, меѓународното тело тврди дека условите на теренот ја направиле „проверката тешка“ на вистинскиот број на цивилни жртви.
Повеќе од 2,3 милиони луѓе побегнале во соседните земји, според Агенцијата за бегалци на ОН.