Davit Kachkachishvili
21 Март 2022•Ажурирај: 22 Март 2022
КИЕВ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски истакна дека порано или подоцна ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и дека оваа средба може да се одржи дури и во Ерусалим, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во видео пораката што ја сподели на својот профил на Телеграм, Зеленски оценувајќи го 25-тиот ден од нападот на Русија врз неговата земја, рече: „Руската армија 25 дена ги бара украинските нацисти што ги измисли, но не може да ги најде.“
Истакнувајќи дека руските војници извршиле воени злосторства во Украина, Зеленски нагласи: „Најважно, руските војници не можат да го најдат патот дома, а нашите војници им помагаат да се појават пред Господ“.
Зеленски потсетувајќи на училишната зграда, во која биле засолнети голем број луѓе, била уништена во воздушен напад на руската армија во Мариупол на 20 март, рече: „Не знаеме колку луѓе останаа живи, но јас сум сигурен дека пилотот што ја фрли бомбата ќе биде пронајден и казнет како и другите пилоти кои убиваа цивили.“
Потсетувајќи дека преку видео - конференција им се обратил на пратениците на израелскиот парламент на 20 март, Зеленски истакна дека од израелскиот народ може да ја добијат поддршката што ја очекуваат.
Зеленски наведувајќи ја неопходноста од воспоставување дијалог со рускиот претседател Владимир Путин за постигнување мир додаде:
„Премиерот на Израел (Нафтали Бенет) повикува на дијалог со Русија и јас сум благодарен за тоа. Во повикот станува збор за дијалог со Путин, кој ќе се случи порано или подоцна, а можно е дури и да се одржи средба во Ерусалим. Доколку тоа е возможно, би била вистинската одлука за постигнување мир.“
Потсетувајќи дека пред израелскиот парламент се обратил како украински претседател кој од Русија е обвинет за „нацизам“, Зеленски рече: „Овој факт сам по себе докажува дека нешто не е во ред во Москва.“
Зеленски нагласи и дека на 20 март се отворени четири хуманитарни коридори и евакуирани се вкупно 7.295 лица, од кои 4.000 од Мариупол и додаде дека операциите за евакуација ќе продолжат.