?????
06 Февруари 2016•Ажурирај: 06 Февруари 2016
ПЕКИНГ (АА) - Најмалку 13 лица, меѓу кои и едно бебе, загинаа во земјотресот со магнитуда од 6,4 степени по Рихтер, кој рано утринава го погоди јужен Тајван. Од јачината на земјотресот се срушија неколку згради, јавува Anadolu Agency (AA).
Според тајванската новинска агенција CNA, 484 лица се повредени а спасувачите трагаат по останати исчезнати за кои се верува дека се заробени под урнатините на 16-катната зграда која се сруши во најпогодениот тајвански град Тајнан.
Над 250 лица, кои живееле на страната на згрдата која се сруши, се спасени благодарејќи на брзата реакција на пожарникарите и спасителите.
Централниот хидрометеоролошки завод на Тајван соопшти дека епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 17 километри во градот Каосјунг.
Во земјотресот со магнитуда од 7,6 степени по Рихтеровата скала кој во 1999 година го погоди Тајван загинаа над 2.300 лица.
Фејсбук ја активираше опцијата „Safety Check” со цел луѓето погодени од земјотресот да можат да ги известат своите пријатели и роднини за својата состојба.
Министерот за внатрешни работи Чен Веи-зен на прес-конференцијата изјави дека властите ќе спроведат детална истрага за зградата, која беше изградена во 1994 година.