Büşra Nur Çakmak,Jeyhun Aliyev
04 Март 2022•Ажурирај: 04 Март 2022
КИЕВ (АА) ‒ Пожарот во украинската нуклеарна централа „Запорожје“, најголемата во Европа, не ја загрози основната опрема, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), повикувајќи се на локални извори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Агенцијата соопшти дека „не е забележана промена“ на нивото на радиоактивност во електраната „Запорожје“, каде што избувна пожар по руското гранатирање.
Соопштението на ИАЕА следуваше набрзо откако украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, на Твитер објави дека избувнал пожар во електраната за време на нападот на руската војска.
„Руската армија од сите страни пука во нуклеарната централа во Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа. Пожарот веќе избувна, а доколку експлодира, ќе биде 10 пати поголем од оној во Чернобил“, информира Кулеба.
Украина денеска ја извести Меѓународната агенција за атомска енергија дека руските тенкови и пешадијата се наоѓаат во близина на градот Енерходар, на неколку километри од нуклеарната централа „Запорожје“.
Електраната „Запорожје“ е изградена во 1985 година за време на Советскиот Сојуз, има шест реактори и обезбедува голем дел од електричната енергија во земјата.
Во меѓувреме, Украина соопшти дека пожарникарите успеале да го изгаснат пожарот во нуклеарната централа и дека Русија ја презела контролата врз областа на нуклеарната централа.