Ilkay Guder
10 Март 2016•Ажурирај: 10 Март 2016
АНКАРА (AA) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција не ја призна, ниту планира да ја признае анексијата на Крим која Русија ја изврши во 2014 година, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот со претседателот на Украина, Петро Порошенко, во претседателската палата во Анкара, Ердоган рече дека разговарале за политички, воени, економски, стопански и теми од областа на културата.
„Нагласив дека Турција ќе продолжи да го поддржува суверенитетот на Украина, во чии состав е Крим. Сакам повторно да нагласам дека Турција не ја признала илегалната анексија на Крим, ниту тоа планира да го направи и по овој момент. Русија на Крим го погази меѓународното право”, рече Ердоган.
Истакна дека силна и стабилна Украина е гарант за стабилноста и мирот во целиот регион.
„Силна Украина со засилена политичка стабилност е гарант за регионалниот мир и стабилност. Потребно е сите земји да ја поддржат Украина и да ги зголемат постоечките напори на тој пат”, рече Ердоган.
Додаде дека Русија со анексијата на Крим го прекрши меѓународното право на многу јасен начин.
„Русија изјави дека во Сирија влегле откако ги повикал сирискиот режим. Ако е така, кој тогаш ги повикал во Украина? Како ќе го објаснат контекстот на меѓународното право? Тоа е логиката ,моќен сум и затоа сум во право'. Тука нема збор за право и праведност”, рече Ердоган.
Порошенко изјави дека Украина и Турција имаат многу добри билатерални односи на многу полиња.
Делегациите на Турција и Украина, исто така, одржаа и состанок со Стратешкиот сојуз на Турција и Украина, додека Anadolu Agency (AA) и Украинската новинска агенција (UKRINFORM) потпишаа протокол за соработка.