Mehmet Şah Yılmaz,Muhammet İkbal Arslan
24 Јануари 2022•Ажурирај: 25 Јануари 2022
ЛЕФКОША (АА) - Во Турската Република Северен Кипар се одржаа предвремени парламентарни избори, а според прелиминарните резултати по десет отсто од преброените гласачки ливчиња во водство е владејачката Партија за национално единство (UBP), јавува Агенција Анадолија (АА).
Право на глас имаа 203.792 регистрирани гласачи, а го гласаа новиот состав на Парламентот кој има вкупно 50 пратенички места. Изборниот цензус за влез на партиите во најголемото законодавно тело е пет отсто.
Според прелиминарните резултати, Партијата за национално единство освои 40,95 отсто од гласовите, додека опозициската Републиканска турска партија освои 31,29 отсто.
Демократската партија (DP) освои 8,56 отсто, Партијата за преродба (YDP) доби 7,55, а Народната партија (HP) 5, 31 отсто гласови. Преостанатите три политички партии не го поминаа цензусот.
На овие избори не можеа да гласаат лицата кои моментално се заразени со коронавирусот.
Врховната изборна комисија целосните резултати ќе ги соопшти најрано 24 часа по затворањето на гласачките места.
Меѓу вкупно 403 кандидати на листите има 131 жена, а најмладите кандидати се 1996-то годиште.
Во досегашниот 49-член состав на Собранието на Турската Република Северен Кипар 20 пратеници се од редовите на Партијата на национално единство (UBP), 12 од Републиканската турска партија (CTP), 6 пратеници на Народната партија (HP), по 3 пратеници од Демократската партија (DP) и Социјалдемократската партија (TDP) и еден пратеник на Партијата за преродба (YDP) и тројца независни пратеници.