Esat Fırat
07 Септември 2018•Ажурирај: 08 Септември 2018
РАМАЛА (АА) - Израел воведе забрана за патување во странство за семејството на 17-годишната Палестинка Ахед Тамими, јавува Anadolu Agency (AA).
Забраната се однесува на Ахед, на нејзината мајка Нареман и на таткото Басим Тамими.
Таткото на Палестинката, во изјава за новинарите на АА, изјави дека преку Јордан планирале да отпатуваат во Европа за да учествуваат на низа настани кои се однесуваат на отпорот на палестинскиот народ и апсењата во Израел.
Тамими наведе дека палестинските власти ги известиле за забраната која ја воведе Израел, пред нивното заминување кое било планирано за денес. „Планиравме да тргнеме в петок изутрина. Но, Одделот за цивилни работи на палестинската Влада нѐ извести дека Израел ни вовел забрана за патување во странство“, изјави тој.
„Палестинските власти не дадоа никакви детали во образложение зошто Израел вовел таков вид забрана“, истакна Тамими.
Израелскиот Воен суд во март ја осуди Ахед Тамими на осум месеци затвор поради напад на израелски војник.

Израелските војници ја приведоа Ахед Тамими на 19 декември 2017 година при упад во семејната куќа во Рамала. Нејзината мајка следниот ден отиде до притворот во Рамала за да добие информација за својата ќерка, а потоа и таа беше приведена.
Ахед, која на снимките се гледа како ги удира израелските војници кои насилно влегоа во дворот на куќата, обвинета е за напад. На снимката, покрај Ахед е и нејзината роднина Нур Тамими, која исто така е приведена и одведена во израелскиот воен затвор.
На Ахед во 2012 година во Истанбул ѝ беше врачена наградата за храброст „Hanzala“, поради спротиставувањето на израелските војници кои го приведуваа нејзиниот брат.
Нејзиниот случај привлече големо меѓународно внимание, а организацијата „Amnesty International“ (Амнести Интернашнал) ја нарече Ал Тамими палестинска Роза Паркс, афро-американска активистка за човекови права и кројачка која американскиот Конгрес ја прогласи за мајка на модерното Движење за човекови права.