Seda Sevencan
01 Септември 2020•Ажурирај: 02 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Израелската војска истрела ракети врз области јужно од главниот сириски град Дамаск, кон силите лојални на режимот на Башар ал Асад, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Сириската арапска новинска агенција (САНА) соопшти дека нападот бил лансиран од окупираната сириска Голанска Висорамнина кон одредени воени точки, додавајќи дека воздушната одбрана на земјата ги соборила поголем дел од ракетите пред да стигнат до целите.
Во воздушните напади загинале двајца сириски војници, додека седум се ранети, а предизвикана е и материјална штета, соопшти САНА.
Израел го окупираше најголемиот дел од сириската Голанска Висорамнина од Блискоисточната војна во 1967 година.
Од почетокот на сириската криза во 2011 година, Израел има извршено стотици воздушни напади против цели во Сирија, вклучително и врз позиции на силите на режимот на Асад и групи поддржани од Иран.
Во Сирија владее граѓанска војна од почетокот на 2011 година, кога режимот на Асад со неочекувана свирепост се обиде да ги задуши продемократските протести.
Според ОН, оттогаш стотици илјади луѓе се убиени, а над 10 милиони други се раселени.