Rania R.a. Abushamala
23 Ноември 2023•Ажурирај: 24 Ноември 2023
КУДС (АА) - Израелската армија денес објави дека извршила воздушни напади врз 300 позиции во Појасот Газа во последните 24 часа, непосредно пред да стапи на сила хуманитарната пауза, пренесува Анадолу.
Армијата соопшти дека позициите биле „поврзани со Хамас“, мислејќи на палестинската група на отпор со седиште во Појасот Газа и дека биле нападнати „од воздух“.
„Меѓу погодените позиции се штабови на оперативната команда, подземни борбени тунели, воени складишта и локации за производство на оружје и лансирање на противтенковски проектили“, се вели во соопштението.
Хамас не одговори на соопштението на израелската армија, но обично тие тврдат дека израелските напади се насочени кон цивилите.
Началникот на израелскиот Генералштаб, Херзи Халеви, им рече на воените лидери во Газа:
„Ние не ја запираме војната. Наместо тоа, ќе продолжиме да победуваме и да напредуваме.“
Израел започна брутални воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Властите во Газа во вторникот соопштија дека бројот на загинати во израелските напади врз опколената енклава оттогаш достигна 14.532, вклучително повеќе од 6.000 деца и 4.000 жени.
Бројот на загинатите во Израел изнесува околу 1.200, соопштија локалните власти.