Ahmed Asmar
19 Декември 2024•Ажурирај: 20 Декември 2024
РАМАЛА (АА) - Најмалку 14 Палестинци се приведени денес во новите израелски воени рации на окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.
Меѓу приведените во рациите извршени во Хеброн, Тулкарм, Наблус, Џенин и Рамала се и две деца и еден повреден маж, се вели во заедничката изјава на Комисијата за прашања на затворениците и Здружението на палестински затвореници.
„Рациите беа обележани со злоупотреба, закани кон затворениците и нивните семејства и акти на вандализам и уништување на домовите на граѓаните“, се додава во соопштението.
Според палестинските податоци, со новите приведувања бројот на Палестинците кои израелската армија ги приведе на Западниот Брег од октомври минатата година зголемен е на над 12.100, вклучително и оние што биле ослободени откако биле приведени.
Во овој број не се опфатени приведените од Појасот Газа чиј број се проценува на илјадници.
Во текот на изминатите неколку години израелската војска спроведуваше редовни рации на Западниот Брег, кои ескалираа со почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година. Палестинците, исто така, беа насилно нападнати од илегалните еврејски доселеници.
Според Министерството за здравство, оттогаш се убиени најмалку 812 Палестинци, а над 6.500 се повредени во оган на израелската армија на окупираната територија.