Eshat Fırat
12 Јануари 2018•Ажурирај: 12 Јануари 2018
РАМАЛА (АА) - ЕСАД ФИРАТ - Израелската војска побара 27.000 долари надомест од семејството на палестинскиот активист, Абдулах Гунејмат кого израелските војници го убија пред три години, недалеку од Рамала, јавува Anadolu Agency (AA).
Израелската војска во јуни 2015 година изврши претрес во местото Кафр Малик, во градот Рамала, за време на кој користеле боева муниција против демонстрантите. Израелските војници тогаш го убија 21 годишен палестински активист Абдула Гунејмат.
Израелската војска со возило се обиде да премине преку телото на убиенот Гунејмат, но возилото се преврте. Семејството дури четири часа покасно успеа да дојде до телото на својот син. И додека болката за изгубениот син сеуште беше свежа, на палестинското семејство му стигна одлука за надомест.
Адвокатката на семејството, Наиле Атије, за АА потврди дека израелската војска од семејството Гунејмат барала надомест од 100.000 шекели (27.000 долари), и дека надоместот е побаран поради штетата која е нанесена на военото возило.
„Израелската војска ги убива нашите деца, а освен тоа од нас бара надомест“, истакна за АА таткото на убиениот Палестинец, Ијад Гунејмат, и додаде: „Остана уште да бараат да ги платиме куршумите со кои ги убиваат нашите деца“.
Исто така тој изјави дека Израел е окупаторска земја, која ја краде палестинската територија.
„Мојот син не отиде кон нив, тие дојдоа во нашето место. Всушност, ние сме тие кои би требале да бараме надомест. По ова прашање ние ќе се обратиме на локалните и меѓународни судови“, порача таткото, додавајќи дека израелските војници свесно го убиле неговиот син, со воено возило прегазиле преку неговото тело.
Директорот на палестинскиот центар за медиуми, демократија и човекови права (SEMS), Омер Рахал, израелската одлука околу барањето надомест од палестинското семејство ја окарактеризираше како „ароганција и лицемерство“.