Rania R.a. Abushamala
25 Мај 2024•Ажурирај: 26 Мај 2024
АЛКУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската војска објави дека ќе ги продолжи воените операции во северниот, јужниот и централниот дел на Појасот Газа, додека палестинските фракции продолжуваат да пружаат отпор, јавува Анадолу.
„162. Бригада ја продолжува својата активност во подрачјето на Рафа“, објави израелската војска.
Наведе дека „во изминатите 24 часа, војниците од борбените групи на бригадите 401, Гивати и Нахал спроведоа извидувачки операции во потрага по борбени средства и инфраструктура на Хамас во околината“.
Објавија дека „во рамките на извидувачките операции силите пронајдоа складишта за складирање на борбена опрема, како и отвори за тунели и друга непријателска инфраструктура во тоа подрачје и ги уништија“.
Војската истакна дека „Единицата 99 ја продолжува својата активност во централниот дел на Појасот Газа“.
„Во изминатите 24 часа силите на единицата во соработка со воздухопловните сили гаѓаа вооружена ќелија која изведе операции против војниците на израелската војска во Појасот“, соопшти израелската војска.
Оттаму, исто така, истакнаа дека „Единицата 98 ја продолжува својата активност во срцето на Џабалија, на северот на Појасот Газа“.
„Војниците од борбените единици и падобранците убија десетици милитанти и уништија платформи за лансирање ракети заедно со отворите на подземните тунели“, наведоа.
Истакнато е дека „во исто време, силите пронашле многу борбени средства, меѓу кои експлозив, минофрлачки гранати, пушки калашников, снајперски пушки“.
Иако палестинските фракции не ги коментираа тврдењата на војската, бригадите Ал-Касам објавија дека гаѓале седум тенкови во различни подрачја на судирите, главно во Џабалија.
Во израелските напади врз Појасот Газа, кои започнаа од октомври минатата година, загинаа 35.857 Палестинци.
Прекршувајќи ја привремената пресуда на Меѓународниот суд на правдата, Израел продолжува со нападот врз Појасот Газа.
Повеќе од седум месеци по почетокот на израелските напади, големи делови од Појасот Газа се во урнатини.