Ikrame Imane Kouachi
03 Јануари 2025•Ажурирај: 03 Јануари 2025
ЕРУСАЛИМ (АА) - Хамас не покажува знаци на предавање во Газа, а палестинската група „научи да се префрла на герилска војна“ во регионот, изјави израелскиот аналитичар Ави Исахароф, јавува Анадолу.
Во аналитичката статија за дневниот весник „Једиот ахронот“ доцна синоќа Исахароф објасни: „162-та Дивизија на израелската Армија дејствува во северниот дел на Газа, вклучувајќи го и бегалскиот камп Џабалија, во обид да ја уништи инфраструктурата на Хамас таму“.
„Голем проблем е што за да го направите тоа, треба да ја погодите секоја куќа за која постои сомневање дека содржи тунели или непријателска активност“, рече Исахароф.
Аналитичарот ја опиша областа како зона на катастрофа, без луѓе на улиците.
Според него, на улиците тешко може да се видат кучиња скитници бидејќи нема храна.
Израел започна голема воена офанзива во Џабалија пред повеќе од три месеци, при што беа раселени десетици илјади Палестинци, и беа уништени многу згради со илјадници жртви.
Палестинците го обвинуваат Израел дека се обидува да ја окупира областа, да ја претвори во тампон-зона и да ги принуди жителите да бегаат пред немилосрдното бомбардирање и строгата опсада, не дозволувајќи им храна, вода и лекови.
Исахароф истакна дека е тешко да се види крајот на оваа војна во наредните месеци, бидејќи продолжува борбата за контрола само на северниот дел на Газа.
„Исто така, цената во однос на жртвите, особено војниците, е значителна, а Хамас не покажува знаци на предавање“, додаде тој.
Аналитичарот нагласи дека Хамас научил да се приспособува на герилската војна од сите аспекти, дејствувајќи во уништена област каде што израелската Армија распоредува многу поголеми сили.
Исахароф изјави дека сѐ додека нема алтернативно управување во Газа, Хамас ќе продолжи да ја враќа својата сила во сите области на енклавата.
Израелската војска од 7 октомври 2023 година води геноцидна војна во Појасот Газа, притоа убивајќи повеќе од 45.580 Палестинци, главно жени и деца, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации која повикува на итен прекин на огнот.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налози за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во Газа.