Mohammad Sıo
22 Мај 2025•Ажурирај: 22 Мај 2025
ЕРУСАЛИМ / ИСТАНБУЛ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес ја потврди намерата на неговата Влада целосно да го окупира Појасот Газа и отфрли каков било договор за прекин на тековната војна, јавува Анадолу.
„Сигурно има 20 заложници што сѐ уште се живи во Газа, а се верува дека уште 38 се убиени“, рече Нетанјаху за време на прес-конференцијата во неговиот кабинет во Западен Ерусалим.
Во меѓувреме, повеќе од 10.100 Палестинци остануваат во затворите во Израел под услови што палестинските и израелските групи за човекови права и медиумите ги опишуваат како услови на тортура, гладување и медицинско занемарување.
Нетанјаху рече дека Израел ќе разгледа опција за привремен прекин на огнот само за да ги врати заложниците. „Доколку постои можност за привремена пауза во борбите за враќање на повеќе заложници - нагласувам, привремена пауза - ние сме отворени за тоа“, рече тој.
Хамас постојано изразува подготвеност да ослободи израелски заробеници во една размена во замена за прекин на војната, израелско повлекување од Газа и ослободување на палестинските затвореници.
Нетанјаху ги отфрли тие услови, наместо тоа бара разоружување на палестинските фракции на отпорот и инсистира на целосна реокупација на Газа.
Израелските опозициски лидери и семејствата на заложниците го обвинуваат Нетанјаху дека ја продолжува војната за да ги смири крајно десничарските членови на неговата коалиција и да ја заштити сопствената политичка позиција.
„Целите на војната се меѓусебно поврзани и ние сме посветени на нивно целосно постигнување“, порача Нетанјаху.
Тврдејќи дека е постигнат напредок, тој додаде: „Веќе постигнавме многу - елиминиравме десетици илјади милитанти, елиминиравме високи команданти на Хамас и го убивме (лидерот на Хамас) Мухамед Синвар.“
Пред три дена Нетанјаху рече дека во координација со министерот за одбрана Израел Кац наредил започнување нова фаза од војната, мислејќи на проширената копнена офанзива наречена „Операција Гидеонови кочии“ во северна и јужна Газа.
„На крајот од оваа фаза сите области на Појасот Газа ќе бидат под израелска безбедносна контрола, а Хамас ќе биде целосно елиминиран“, нагласи тој.
Неговите изјави доаѓаат во време кога израелската армија спроведува брутална офанзива во Газа од октомври 2023 година, во која се убиени речиси 53.700 Палестинци, повеќето жени и деца.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.