Ahmed Asmar
07 Ноември 2024•Ажурирај: 07 Ноември 2024
БЕЈРУТ (АА) - Израелски воени авиони рано утрово извршија серија воздушни напади низ Либан, меѓу кои и врз јужното предградие на Бејрут во близина на аеродромот, јавува Анадолу.
Во јужното предградие извршени се неколку воздушни напади, вклучително и еден во подрачјето на Ал-Авзаи во близина на северната писта на Меѓународниот аеродром „Рафик Харири“.
Либанската новинска агенција ННА соопшти дека нападите се изведени кон областите Харет Хреик, Бааџур и Тахуит Ел-Гадир.
Се додава дека воени авиони спровеле напади и врз регионот Бека, вклучително и градот Јохмор.
Агенцијата соопшти дека израелската армија употребила меѓународно забранети касетни бомби во нападите на периферијата на градот. Употребата на касетни бомби во населени места или во нивна близина е забранета според Женевските конвенции бидејќи тие претставуваат закана за животите на цивилите.
Во меѓувреме, Хезболах продолжи со судирите со израелските сили на југот и објави дека со бараж ракети ги напаѓа единиците на израелската армија на периферијата на градот Марун ал-Рас.
Претходно либанската група објави дека извршила 36 воени операции, вклучително и ракетни напади врз неколку воени локации во Северен и Централен Израел.
Израелската воздушна кампања во Либан трае од крајот на септември против, како што се тврди, позиции на Хезболах, што претставува ескалација на едногодишната прекугранична војна од почетокот на војната во Газа.
Според либанските здравствени власти, во израелските напади од октомври минатата година убиени се повеќе од 3.000 луѓе, а над 13.500 се повредени.
Израел започна копнена инвазија во Јужен Либан на 1 октомври.