Mücahit Aydemir
19 Јуни 2023•Ажурирај: 20 Јуни 2023
ЏЕНИН (АА) - Според последните информации, израелските сили убиле четворица Палестинци, меѓу кои и едно дете, во напад на северниот град Џенин на окупираниот Западен Брег, додека 42 лица се повредени, јавува Анадолу.
Израелските војници упаднаа во Џенин со десетици оклопни воени возила. За време на рацијата на некои куќи распоредени се и израелски снајперисти.
Како реакција на рацијата дојде до судири меѓу палестинските жители и израелските војници. Израелските сили ги гаѓаа младите Палестинци со боева муниција, гас и звучни бомби.
Во соопштението на палестинското Министерство за здравство, кое претходно денес објави дека загинале тројца Палестинци, а 29 се повредени, се наведува дека бројот на загинати се искачил на четири, меѓу кои има едно дете, додека 42 лица се повредени.
Во нападот на израелските сили загинаа Ахмед Јусуф Сакр (15), Калед Азам Асиме (21), Кајс Џабарин (21) и Касам Абу Сарије (29). Пријавено е дека деветмина Палестинци се тешко повредени.
Се наведува, исто така, и дека на израелските напади Палестинците одговориле со фрлање рачно изработени експлозивни направи, при што биле повредени најмалку седум израелски војници.