Nour Mahd Ali Abu Aisha,Halime Afra Aksoy
16 Август 2022•Ажурирај: 16 Август 2022
ГАЗА (АА) - Израелските сили во водите на блокираниот појас Газа приведоа четворица палестински рибари, известува Агенција Анадолија (АА).
Низар Ајас, претседателот на Синдикатот на палестинските рибари во Газа, за АА изјави дека силите на израелската морнарица следеле четворица рибари во водите на северот од Газа, по што отвориле оган и ги привеле.
Ајас тврди дека палестинските рибари не излегле надвор од риболовната зона што ја одредил Израел и дека израелските сили, четворицата рибари и двата чамци ги префрлиле на пристаништето Ашдод.
Тој додаде дека во текот на приведувањето рибарите не биле повредени.
Израелската војска сѐ уште не издала соопштение во врска со овој случај.
Израел, Појасот Газа, во кој живеат околу два милиона Палестинци, од 2006 година го држи под копнена, поморска и воздушна блокада.
Податоците на палестинското Министерство за земјоделство покажуваат дека во Газа се наоѓаат околу 4.000 рибари и дека рибарството е една од основните стопански гранки.
Извештаите на организацијата за заштита на човековите права покажуваат дека рибарите во Газа се изложени на кршење на правата од страна на Израел, а често доаѓа и до приведување и запленување на чамците.
Администрацијата во Тел Авив често ја намалува риболовната зона за рибарите во Појасот Газа.
Врз основа на договорот од Осло, кој во 1993 година го потпишаа претставниците на Палестинската ослободителна организација и Израел, Палестинците имаат право на риболовна зона од 20 милји (околу 32,2 километри) од брегот на Појасот Газа, без да бидат изложени на израелска интервенција. Меѓутоа, израелската администрација често им го оневозможува ова право на палестинските рибари, а риболовната зона се намалува.