Beyza Binnur Dönmez
20 Ноември 2022•Ажурирај: 22 Ноември 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Новиот сопственик на Твитер, Илон Маск, доцна синоќа рече дека ќе го врати профилот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, што претходно беше суспендиран на оваа платформа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката следуваше откако поголемиот број корисници гласаа позитивно на прашањето на Маск во кое праша дали треба на Трамп да му биде дозволено враќање на Твитер.
„Луѓето го рекоа своето. Трамп ќе биде вратен“, напиша Маск на Твитер.
Ден претходно Маск започна анкета за враќање на поранешниот претседател на Твитер, која собра повеќе од 15 милиони гласови.
За враќање на Трамп гласаа 51,8 отсто од корисниците на оваа платформа, додека против беа 48,2 отсто.
Трамп имаше околу 88,8 милиони следбеници кога Твитер трајно му го суспендираше профилот во јануари 2021 година поради ризик од поттикнување насилство.
Маск го споменуваше враќањето на Трамп во мај оваа година кога затворањето на профилот на поранешниот американски претседател го нарече „морално погрешно и потполно глупо“.