Betül Yılmaz
31 Јануари 2025•Ажурирај: 03 Февруари 2025
КАИРО (АА) - Илјадници Египќани се собраа денес пред граничниот премин Рафа во знак на протест против предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преселување на Палестинците во други земји, објавија египетските медиуми, пренесува Анадолу.
Жители и од другите египетски области се собраа на границата за да протестираат против минатонеделните изјави на Трамп за раселување на Палестинците, кои исто така беа отфрлени од неколку европски и арапски земји.
Пред денешниот собир на границата Рафа, според снимките на социјалните мрежи, неколку египетски гувернати, како Бехеира, Кафр ел-Шеик, Гарбија, Исмаилија, Шаркија, Калубија и Бени Суеф, одржаа протести синоќа против раселувањето на Палестинците.
Според дописникот на Анадолу, ова е прв протест на границата Рафа откако Трамп на 25 јануари предложи едноставно „да се исчисти“ Појасот Газа и Палестинците да се преселат во Јордан и Египет, опишувајќи ја крајбрежната енклава како „разрушено место“ поради геноцидна војна на Израел.
Иако одговорите од Египет избегнуваа директно да му се обратат на Трамп, официјалните лица континуирано го осудуваат секој обид за протерување на Палестинците од нивната татковина.
Министерството за надворешни работи во неделата издаде соопштение во кое го осудува планот, по што следеа коментари на претседателот на Парламентот, Ханафи Џебали, во понеделникот и министерот за надворешни работи Бадр Абделати пред Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) во Женева во вторникот.
Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси во средата изјави дека неговата земја нема да учествува во никакво принудно раселување на Палестинците, нарекувајќи го „чин на неправда што не можеме да го толерираме“ и ја потврди посветеноста на неговата земја кон дводржавното решение.
Многу земји, меѓу кои и Јордан, Ирак, Франција и Германија, како и организации како Лигата на арапските држави, Организацијата за исламска соработка и ОН, силно се спротивставија на планот за преселување.
Предлогот на Трамп дојде по стапувањето на сила на договорот за прекин на огнот во Газа на 19 јануари, со кој беше прекината геноцидната војна на Израел во која од 7 октомври 2023 година убиени се најмалку 47.400 Палестинци, повеќето жени и деца, а повредени се повеќе од 111.000.
Во војната се исчезнати над 11.000 лица, а уништувањата и хуманитарната криза резултираа со смрт на многу стари лица и деца.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет и за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите постапки во Појасот Газа.