Mahmut Atanur
03 Ноември 2018•Ажурирај: 04 Ноември 2018
ЏАКАРТА (AA) - Во текот на акцијата за пребарување и пронаоѓање на телата и работите на патниците од патничкиот авион кој во неделата со 189 патници и членови на посадата се сруши во морето кај Западна Јава, загина нуркачот, јавува Anadolu Agency (AA).
Смртта настапи како последица на низок притисок. Четириесет и седумгодишниот Сиачрул Анто волонтираше во Агенцијата за спасување и пребарување (BASARNAS). Учествуваше и во акциите за пребарување и спасување по земјотресот и цунамито на подрачјето на Палу, во септември оваа година.
Анто, исто така, учествуваше и во акциите за време на падот на патничкиот авион на „ЕрЕјжа“ (AirAsia) пред четири години. Во болниците досега се донесени 73 тела на патниците што се наоѓаа во авионот на компанијата „Лајон ер“ (Lion Air), од типот „Boeing 737 MAX 8“. Идентификувани се само четири.
Авионот на компанијата „Лајон ер“, од типот „Boeing 737 MAX 8“ се урна во неделата наутро, 13 минути по полетувањето од Џакарта кон Пангкал Пинанг. Во авионот се наоѓаа 181 патник и осум членови на посадата.
Црната кутија е пронајдена четвртиот ден од потрагата, на длабочина од 30 метри во Јаванското Море. Од Националниот одбор за безбедност на сообраќајот потврдија дека содржината на црната кутија би можела да биде позната наредниот месец, а истрагата за причината за несреќата би можела да трае најмалку шест месеци.
Во Индонезија на 28 декември 2014 година во Јаванското Море се сруши патнички авион на „ЕрЕјжа“ (AirAsia) во кој се наоѓаа 162 патници.