Ekipa
04 Октомври 2019•Ажурирај: 05 Октомври 2019
БАГДАД (АА) - Најмалку 42 лица загинаа од почетокот на антивладините протести низ Ирак на почетокот на оваа недела, јавува Anadolu Agency (AA).
Најмалку 2.500 лица беа повредени во текот на изминатите три дена.
Граѓански активист за АА изјави дека ирачката полиција отворила оган врз демонстрантите кои се обидувале да го прекинат полицискиот час во Багдад.
Демонстрантите бараат подобрување на условите за живот и прекин на корупцијата. Безбедносните сили отворија оган кон демонстрантите за да ги растераат, предизвикувајќи масовни жртви.
Демонстрантите и граѓанските активисти кои беа интервјуирани од страна на АА изјавија дека Владата делумно ги суспендирала интернет-услугите во земјата.
Ирачките власти вчера воведоа полициски час на неодредено време во Багдад, во обид да ги задушат протестите.
Премиерот Адел Абдул Махди рече дека полицискиот час ќе го одржува јавниот ред и ќе ги заштити демонстрантите од „инфилтратори“.
Тој додаде дека вооружените сили ќе овозможат придвижување на хуманитарните случаи и патници до и од аеродромот во Багдад.
Во меѓувреме, ирачките власти прогласија полициски час и во покраините Ди Кар, Мајсан, Наџаф и Бабил.
Според државната ирачка новинска агенција, претседателот на Парламентот, Мохамед ал Халбуси, ги повика претставниците на демонстрантите на разговори во Собранието да разговараат за нивните барања.